Бесплатен интернет или бесплатен појадок?

од Игор Дамчевски

Во последно време често се дискутира околу тоа дали хотелите треба на гостите да им овозможат неограничен и бесплатен интернет пристап. Новите генерации на гости кратко и јасно си ја дефинираат потребата и “FREE WiFi” станува одлучувачки фактор во пополнувањето на вашите капацитети. Но, дали е тоа единствениот приоритет кога станува збор за задоволување на примарните барања на гостинот?

Сега кога стана јасно дека модерниот хотелиер не само што мора да обезбеди бесплатен интернет, дополнително истиот треба и да биде доволно брз и стабилен, сепак се чини дека нешто пропуштаме. Неодамна Google, за своите потреби во развојот на сервисите поврзани со туризмот, ги објави резултатите од спроведената анкета со едно единствено прашање:

“Што најмногу очекувате од хотелот да ви понуди?”

Понудени биле пет одговори:

  1. Бесплатен интернет
  2. Бесплатен појадок
  3. Бесплатен паркинг
  4. Привилегии доколку сте редовен гостин
  5. Фитнес центар

Избрани биле 1000 случајни испитаници од различни поголем број различни хотели. Зачудувачки, бесплатниот интернет освоил второ место.

Очигледно, сите испитаници биле гладни или можеби приоритетите во очекувањата при престојот во хотел не се само од современо-технолошка природа. Повеќе од четворица на десет испитаници (42.4%) одговориме дека очекуваат да добијат бесплатен појадок. Помалку од третина од анкетираните рекле дека им е најважно да добијат бесплатен интернет. Што се однесува до другите понудени одговори, како паркинг, привилегии и рекреативни содржини, изгледа дека сите заедно не им се ни приближно важни како бесплатниот појадок кој го очекуваат гостите.

Ваквата статистика секако дека може да се земе за валидна и кога станува збор за потребите на гостите кои престојуваат во македонските хотели. Приоритетите на гостите се менуваат од година во година, во голема мера зависно од генерацијата кога доминира моментално на пазарот. Главна задача на хотелиерите е да ги следат промените и да ја адаптираат својата понуда кон барањата на своите потенцијални клиенти.

Заклучокот кој несомнено може да го донесеме од анкетата е:
Понудете им добар појадок на вашите гости, а веднаш потоа дајте им ја лозинката од вашето WiFi.