fbpx

Централно управување со канали на дистрибуција

од Игор Дамчевски
Централно управување со канали на дистрибуција

Како сопственик или менаџер на индивидуален хотел, без разлика на големината и бројот на соби, јасно Ви е дека е од клучна важност е расположливиот капацитет да биде исполнет најголем дел од времето и по највисока цена. За тоа да се оствари, некаде треба да се пласираат слободните соби во континуитет и да се работи на маркетинг и промоција на хотелот. Во денешно време најефикасен медиум е интернетот, но само Вашата интернет страница не е доволна за глобална промоција. Добра интернет страница со ситем за резервации е местото каде што сакате гостите да резервираат … доклку знаат дека постоите. 

Интернет канали на дистрибуција

Тука на сцена влегуваат различните Онлајн Туристички Оператори, како посредници и агенти за промоција и продажба на вашите капацитети, се разбира за одредена провизија. Ги има многу и на сите  можете да се регистрирате бесплатно. На колку повеќе од нив сте присутни, толку се поголени шансите потенцијалните гости лесно да го најдат Вашиот хотел и да резервираат.

Но дали ќе постигнете да ги администрирате сите истовремено без проблем? Моменталниот број на слободни соби се менува постојано, резервации се откажуваат, гостите ги менуваат собите. На сето тоа додадете ги сите ненајавени гости и групите кои пристигаат директно во хотелот.  Зборот “OVERBOOKING” Ви е познат, нели?!  Враќањето на гости поради двојна резервација или ‘overbooking’ на една иста соба кога хотелот е полн е сериозен проблем со кој може да се соочат вработените на рецепција. Истите оние кои, секако, треба да редовно да ги ажурираат сите канали на продажба при секоја промена …

Сите промени од едно место

Малку технички поконкретно: Сите ОТА, како Booking или Expedia, како и системите за резервации на хотелските интернет страници имаат свои административни панели преку кои ги вршите сите промени, како профилот на хотелот со општите податоци, фотографии и контакт информации, но најважно тука ги правите и промените во моменталниот расположлв капацитет. Често познато како Extranet, или конкретно името на ваквиот систем кој го користи Booking.com.

За да не морате да ги правите истите промени на повеќе места истовремено, постојат алатки кои се нарекуваат Channel Manager, или системи за централно управување со каналите на продажба и дистрибуција. Тоа се најчесто интернет сервиси за кои плаќате на месечно или годишно ниво и сите промени ги правите преку нив. Таквите системи се поврзани со сите OTA и дополнително со Вашата интернет страница. Во моментот на промена на состојбата со слободни соби во хотелот, поради направена резервација на еден од каналите, системот автоматски ја проследува таа информација до сите останати во реално време. Вие добивате само известување и Вашиот софтвер за хотелско работење (PMS – Property Management System), доколку е според основните современи стандарди, добива информација за направената или откажаната резервација. Вие не треба да внесувате ништо “рачно”.

Дали навистина ви е потребен Channel Manager?

Најважно од се е да ја разберете вистинската потреба од ваков систем. Тоа е основна алатка без која секојдневно губите дел од прометот бидеќи свесно одлучувате да не го пласирате целосниот капацитет на пр. на Booking.com и не се одлучувате да бидете присутни уште на неколку слични сајтови, поради ризикот од можна грешка. Дополнително, работата на Вашите вработени, најчесто на рецепција, е значително усложнета што доведува до ниска продулкивност и слаба услуга.

Како да го одберете вистинскиот?

Сега кога знаете дека навистина е неопходно да го имате, како да одберете од многуте кои се нудат на пазарот?

Има неколку основни параметри според кои треба да се водите при изборот на Channel Manager:

  1. Бројот на канали кои ги поддржува – се разбира, сакате да имате поголема изложеност на пазарот
  2. Интеграција со Вашата интернет страница – најдобро решение е да доаѓа со сопствен систем за резервации (Booking Engine)
  3. Интеграција со Вашиот софтвер за хотелско работење (PMS). Иако, за жал, кај нас најчесто софтверот кој го произведуваат и продаваат домашните компании е застарен и најчесто не ја поддржува оваа основна и неопходна опција.
  4. Техничка и корисничка поддршка – дали и кога Ви е достапна стручна помош доколку Ви е потребна
  5. Цената – иако не е пресуден фактор, имајќи предвид дека провајдерите на ваквите сервиси се конкурираат на пазарот со слични цени. Информативно, цените се движат од 50 од 100 евра / месечно, во зависност од бројот на соби.

Инвестицијата која ќе ја направите со додавање на ваква алатка во работењето на Вашиот објект е неспоредлива со бенефитот и можностите кои истата Ви ги овозможува. Олеснете си ја работата и зголемете ги популарноста, прометот и ефикасноста на Вашиот хотел.

Доколку имате потреба од помош при изборот и интеграцијата на соодветниот Channel Manager, побарајте помош од консултантска компанија со искуство во оваа област.