fbpx

Кога и дали Вашиот хотел работи профитабилно?

од Игор Дамчевски
Кога и дали Вашиот хотел работи профитабилно?

Дали некогаш сте биле во ситуација кога не знаете дали минатиот месец или година навистина сте оствариле профит со работењето на Вашиот хотел, сте биле на “позитивна нула” или пак сте во загуба? 

Помалите хотели кои нудат само преноќување и евентуално појадок оваа дилема полесно можат да ја заобиколат. Но, веднаш штом додадете дополнителни услуги во Вашата понуда или работите со хотел од повисока категорија, ситуацијата е поинаква. Без разлика на комплексноста на понудените услуги и големината на хотелскиот објект, секој компетентен менаџер мора да знае колку треба “да продаде” за да смета дека има остварено профит за даден временски период.

Граница на профитабилност

Поради бројните фиксни трошоци поврзани со секојдневното работење на хотелот, тековното одржување, платите за вработените и слични редовни финансиски обврски, постои специфичен праг, како од аспект на остварен промет така и од аспект на број на издадени соби, над кој сметаме дека хотелот почнува да остварува профит. Вкупниот промет остварен под тој праг всушност оди за подмирување на фиксните трошоци направени за хотелот да се одржи во работа и варијабилните трошоци направени за одржување на секоја издадена соба. Тој праг го нарекуваме граница на профитабилност.

Фиксни трошоци

За да може да ја одредиме точно границата на профитабилност, прво треба да ги пресметаме фиксните трошоци. Под фиксни трошоци подразбираме трошоци кои хотелот ќе ги направи во текот на работењето без разлика на нивото на окупираност на капацитетот. Најчесто, фиксните трошоци ги вклучуваат данок на имот, платите на менаџерите, платите на персоналот кој е најнеопхоиден и комуналните трошоци во ситуација кога хотелот нема ниту една соба издадена. Овие трошоци не се менуваат во зависност од тоа колку соби се издадени во одреден временски период.

Варијабилни трошоци

Следно, треба да ги пресметаме варијабилните трошоци кои се појауваат при издавање на секоја соба од хотелот. Како што и самиот назив “варијабилни” кажува, овие трошоци варираат во зависност од бројот на издадени соби. Доколку имаме соба која не е издадена, таа ноќ се смета дека не се направени никакви варијабилни трошоци за одржување на истата. Сите останати трошоци во однос на таа соба ги сметаме за фиксни трошоци.

Вообичаено, варијабилните трошоци ги сочинуваат: трошоците за одржување на собата по нејзиното ослободување (платата на собарката, средствата и струјата искористени за чистење), перење на постелнината (струја и детергенти) и трошоците направени за време на престојот на гостите во собата (струја, вода, греење и сл.). Исто така, во оваа математика треба да ја вкалкулираме и амортизацијата на мебелот, кој во зависност од искористеноста и квалитетот, неопходно е да се репарира или замени на секои 3 до 7 години.

Цена на ноќевање

Се подразбира дека минималната цена која ја дефинираме за едно ноќевање по соба мора да биде повисока од вкупните варијабилни трошоци кои ќе се направат за таа соба. Во спротивно, цената нема да има никаква логика и ќе доведе до сигурна загуба. Истовремено, цената на ноќевањето треба да придонесе и кон покривање на дел од фиксните трошоци исто така. Доколку ги знаеме вкупните фиксни трошоци за работа на хотелот, како и варијабилните трошоци произведени од издавање на секоја соба, заедно со просечната цена на ноќевање, релативно лесно ќе ја пресметаме границата на профитабилност, како од аспект на број на издадени соби, така и од аспект на вкупен промет кој треба да го генерира работењето на хотелот за да може да сметаме дека сме веќе во маргините на профитабилност.

Како се пресметува границата на профитабилност?

За полесно да разбереме како се доаѓа до одговорот на тоа дали и во кој момент хотелот почнува да работи со заработка, преку хипотетички пример ќе го разгледаме принципот на пресметување на границата на профитабилност:

Да речеме дека водиме хотел со 100 соби, за лесна математика. Вкупните фиксни трошоци на хотелот се €2000 за една ноќ, додека варијабилните трошоци по издадена соба се €4, или поделени по ставки:

  • Одржување (собарка): €1.40
  • Перење постелинина : €0.80
  • Средства за хигиена: €0.50
  • Тоалетен прибиор: €1.30
  • Вкупно потрошена струја, вода и греење: €1.00
    Вкупни варијабилни трошоци за едно ноќевање: €5.00

Да претпоставиме дека цената на едно ноќевање во хотелот во просек изнесува €50.

Според број на издадени соби:

За да ја пресметаме границата на профитабилност, од аспект на издадени соби, за одреден временски период ја користиме следната формула:

Тоа значи дека, имајќи ги предвид фиксните трошоци, варијабилните трошоци по соба и просечната цена на ноќевање, овој хотел би требало да издаде повеќе од 44 соби на вечер за да се смета дека има остварено некаков профит. Доколку издаде само 44 соби или помалку, по просечна цена од €50, нема да генерира доволно бруто промет за да си ги подмири трошоците. Сепак, доколку издаде повеќе од 44 соби, хотелот генерира €45 профит (неоданочен) по соба за таа вечер. Нормално, колку повеќе соби над 45 се издадат, толку е и поголема заработката.

Според остварен бруто промет:

За да ја пресметаме границата на профитабилност, од аспект на бруто остварен промет, едноставно Границата на профитабилност според број на издадени соби ја множиме по просечната цена на едно ноќевање.
Или, според дадениот хипотетички пример:

Што значи дека, по просечна цена на ноќевање од €50, хотелот мора да направи најмалку €2.220 промет за да се смета дека има остварено профит. Според тоа, доколку хотелот генерира бруто промет од €5.000 (100 соби по €50 во просек), ќе оствари €2.502 профит. Калкулацијата е следна:

Заклучок

Со помош на овие едноставни пресметки, хотелиерите можат брзо и едноставно да проверат дали и во кој случај нивниот хотел почнува да остварува профит. Како важна аналитичка алатка, овој метод може да се користи не само за сместувачките капацитети туку и за сите услуги или продукти кои ги нуди хотелот. Доколку се знаат фиксните и варијабилните трошоци и цената за која се продава продуктот, оваа пресметка може да се примени за да се калкулира точната граница на профитабилност. Исто така, со овие пресметки можеме да увидиме како промената на расположливиот капацитет или трошоците инволвирани во работа на хотелот ќе влијаат врз профитабилноста на истиот.

Како важен сегмент од управувањето со приходи во хотелскиот бизнис, познавањето на ваквите основни методи на пресметка се задолжителна вештина на секој компетентен хотелиер. Без нив менаџерот не е свесен за влијанието кое го има промената на трошоците врз профитот на компанијата што неизбежно ќе доведе до залудно трошење на ресурсите и ултимативна загуба при работењето на хотелот.