fbpx

Легионелоза, опасна болест која ги засега сите хотелиери

од Игор Дамчевски
Легионелоза, опасна болест која ги засега сите хотелиери

Според Европската Агенција за Превенција и Контрола на Болестите, годишно се евидентираат околу 1000 случаи на хотелски туристи заразени со Легионелоза, опасна респираторна болест која често претставува сериозен проблем за голем број хотели низ целиот свет. Имајќи предвид дека во просек 10% од случаите завршуваат фатално, инволвираните во хотелската индустрија многу сериозно треба да преземат чекори за превенција и контрола на факторите кои можат да придонесат кон ширењето на оваа болест.

Што е Легионелоза?

Легионелоза, или често позната како “Легионерска болест”, претставува ретка форма на пневмонија (белодробна инфекција), смртоносна за 5-15% од заразените пациенти. Бактеријата која ја предизвикува оваа инфекција се нарекува Легионела (Legionella), бактерија која, исто така, може да предизвика и помалку сериозни заболувања. Инфицираното лице ги развива првите симптоми за 2-10 дена (најчесто за 5-6 дена или во многу ретки случаи, овој период може да трае и до три недели.

Болеста се манифестира најпрво преку треска, главоболка и мускулни болки. Се развива во сува кашлица и отежнато дишење кое потоа може да прогресира до сериозна форма на пневмонија. Во просек, треитна од пациентите имаат дијареа и повраќање, додека кај половина се забележуваат знаци на збунетост и дилириум.
Во одредени случаи, пролонгирана перзистентна сува кашлица може да претставува индикатор кој треба да се испита понатаму.

За точно да се дијагностицира болеста потребни се лабораториски испитувања, кои најчесто се вршат веќе кога гостите се вратени дома од патувањето.

Како “се фаќа” Легионелоза?

Легионелоза се фаќа со вдишување воздух контаминиран со бактријата Легионела. Бактеријата се наоѓа во т.н. аеросоли, многу ситни невидливи честички и течност во воздухот, кои се формираат од водени испарувања од вода која е контаминирана со Легионела. Во хотелите, доколку нема систем за контрола и превенција, може да се појави во водата од чешма во бањите, во базени, фонтани, спа центри како и во системите за климатизација. Оваа бактерија може да опстане и да се размножува во вода со температурен распон од 20°C до 45°C и најчесто се појавува во водоводните инсталации кои не се одржуваат соодветно.

Кога хотелите се извор на зараза?

Штом се евидентира турист кој е заразен со Легионелоза, не може веднаш со сигурност да се заклучи дека инфекцијата се случила во хотелот во кој престојувал, едноставно затоа што постои можност тоа да се случило на едно од многуте други места кои туристот ги има посетено за време на патувањето. Меѓутоа, доколку се евидентираат два или повеќе случаи на туристи кои престојувале во истиот хотел, особено доколку се работи за кратка временска дистанца, да речеме две недели до еден месец, тоа е веќе индикатор за зголемен ризик тој објект да е извор на заразата. Во таков случај, потребна е итна проверка на објектот за да се утврди реалната состојба и да се превенира потенцијално ширење на заразата.

Знаејќи ја сериозноста на овој проблем, многу хотели низ светот веќе имаат преземено чекори за превенција и контрола на можниот ризик од појава на оваа бактерија.

Кои се ризичните подрачја во хотелот?

Секој дел од хотелот каде што може да се појави водено испарување е потенцијален извор на зараза:

  • Бањите
  • Спа центрите
  • Турските бањи и сауните
  • Централните системи за климатизацијa
  • Декоративните фонтани
  • Навлажнувачите за воздух

Каде се размножува бактеријата Легионела?

  • Во резервоари за вода (топла или студена)
  • Генерално во топла вода од 20°C до 45°C
  • Водоводни цевки со застоена вода (пр. во соби кои не биле користени подолго време)
  • На гумичките од цевките за вода
  • Во бокали за топла вода и бојлери
  • Во бигорот од цевките, чешмите и тушевите

Некотролираните ризични сегменти претставуваат опасност од развивање и ширење на бактеријата, што потоа претствува ризик по здравјето на гостите и вработените во хотелот.

Чекори за котрола на ризикот од зараза:

Ризикот од појава на Легионелоза може да се минимизира. Секој хотел кој нема воспоставено систем за контрола на ризик од оваа болест е неодговорен кон здравјето на своите гости и своите вработени воедно.

Неопходни чекори за контрола и превенција:

    1. Назначете одговорно лице за контрола од заразни болести.
    1. Обезбедете соодветна обука на одговорното лице и останатиот персонал за превенција и контрола на ризик од појава на Легионела. Уверете се дека сите ја знаат сериозноста на проблемот!
    1. Топлата вода (50°C – 60°C ) нека биде протечна постојано. Да нема застоена вода подолго време во водоводната инсталација.
    1. Студената вода во инсталацијата не треба да надминува 25°C.
    1. Најмалку еднаш неделно, водата во бањите од гостинските соби треба да протече од инсталацијата на неколку минути, доколку собата не била окупирана подолг период и секогаш пред издавање на истата.
    1. Тушевите и чешмите треба да бидат чисти и без бигор.
    1. Чистете и дезинфицирајте ги клима уредите и ситемите за климатизација најмалку два пати годишно.
    1. Чистете и дезинфицирајте ги бокалите за топла вода редовно.
    1. Прочистете го системот за топла вода со високо-концентриран раствор на хлорирана вода (50mg/l), по секоја интервенција на водоводната инсталација и пред почетокот на секоја сезона.
    1. Чистете и дезинфицирајте ги сите филтри за вода редовно – на месец до три месеци.
    1. Сите резервоари за вода треба да бидат чисти и да имаат соодветни и функционални капаци. Еднаш годишно чистете ги со високо-концентриран раствор на хлорирана вода (50mg/l).
    1. Водоводната инсталација не смее да има “слепи” сегменти. (низ кои нема да протекува вода)
    1. Доколку има спа дел, во џакузи кадите и останатите бањи:
      – Водата мора да биде хлорирана (2-3mg/l раствор). Нивото на хлор мора да се проверува секојдневно.
      – Водата во кадите мора да се промени барем една половина дневно.
      – Филтрите за вода мора да се прочистат секојдневно.
      – Целиот систем треба да се прочисти еднаш неделноМора да се води евиденција за соодветното третирање како и за концентрацијата на користените хемикалии. Евиденциските листи ги проверува генералниот менаџер на хотелот.

Дополнителни информации околу начинот на превенција и контрола на ризикот од појава на Легионела може да добиете од стручна компанија со искуство во воведување на вакви процедури.

Тестирање за Легионела

Проверка за постоење на легионела се спроведува преку тестирање на примероци од вода, од страна на стручен персонал и во соодветна лабораторија. Кај нас постојат акредитирани лаборатории кои вршат ваков тип на тестирања. Сепак, негативен тест за бактерија Легионела не знали дека не постои ризик за нејзина појава. Секогаш треба да се почитуваат правилата за превенција и персоналот мора да биде стручно обучен и запознаен со несаканите последици од оваа опасна бактерија болеста која таа ја предизвикува.