fbpx

Споредба со конкурентите и ‘STAR’ извештаи

од Игор Дамчевски
Споредба со конкурентите и ‘STAR’ извештаи

Како знаете дали Вашиот хотел работи добро во споредба со конкурентните хотели на пазарот? Иако давате се од себе, работите со добивка и имате бизнис со нагорен тренд на развој, доколку немате увид во специфичните параметри на конкурентот, нема како да дознаете дали сте поуспешни или пак има простор за подобрување.

Американската компанија STR (Smith Travel Report) го нуди решението во форма на услуга на доставување на извештаи за работењето на повеќе од 50.000 хотели на глобално ниво. Извештаите ги содржат сите релевантни параметри, како вкупна искористеност, промет по соба, просечна цена на соба, вкупна пазарна понуда и побарувачка како и други параметри потребни за увид во успешноста на работењето на објектите кои се наоѓаат во сопствената конкурентска класа. Се разбира, овие податоци се анонимни, а моделот на функционирање се базира на доброволна достава на истите тие податоци од страна на сите хотели поврзани во системот.  Само на хотелите кои доставуваат податоци им се достапни извештаите со историска аналитика на сопствените податоци како и податоците собрани од другите објекти. Главниот бенефит е во тоа што потоа тие податоци се користат за развивање или корекција на постоечката стратегија на управување со приходите.

STAR извештај

За сега ќе се задржиме само на еден од понудените извештаи, т.н. STAR Program (Smith Travel Accommodation Report), кој е од најголема важност за хотелиерите. Овој извештај, меѓу другото, ги содржи главните три индикатори од кои може да се добие слика за ефикасноста во работењето:

  • OCC (Occupancy) – Искористеност на капацитетот
  • ADR (Average Daily Rate) – Просечен промет по издадена соба
  • RevPAR (Revenue Per Available Room) – Промет по соба во хотелот

Податоците се дадени на месечно, неделно и дневно ниво, во интервали за последниот месец, квартал или година од работењето на хотелот. Истите параметри за истите периоди споредбено со минатата година се дадени во прилог на моменталните вредности, како и стапката на промена изведена во процентуална вредност. Со тоа, на корисникот му се дава можност да направи јасна компарација и предвидување за периодите кои следат во смисла на корекција во планот за управување со приходите.

Компаративна анализа

Тоа што го прави овој извештај толку вредна алатка за хотелиерите и потенцијалните инвеститори во индустријата е делот на компаративна анализа на споменатите параметарски вредности со објектите од регионот, целокупниот пазар како и објектите дефинирани како директна конкуренција. Дополнително, дадени се и објектите кои се во изградба или кои се во план да се изградат во блиска иднина, во нивната соодветна категорија.

Анализирајќи ги дадените графикони и бројки, можеме да заклучиме дали во регионот кој нам ни е од интерес има стагнација, се очекува тренд на покачување или опаѓање на пазарнате понуда и побарувачка. Соодветно на тоа ќе ја адаптираме нашата стратегија за маркетинг и продажба, вработување на нови кадри или можна инвестиција преку проширување на капацитетите.

Иако за жал кај нас користењето на вакви аналитички алатки во хотелската индустрија сеуште не е регуларна пракса, STAR извештаите со сите достапни податоци имаат непроценлива вредност за упатените во хотелската индустрија ширум светот. Многу често успехот во работењето зависи од правилната проценка за погодниот момент на инвестиција или промена во постоечкиот модел на работа. Овие извештаи ја олеснуваат токму таа проценка, пратејќи ги трендовите на пазарот и кај конкуренцијата.