MICE туризам

од Игор Дамчевски

Честопати, во нашата индустрија, се среќаваме со терминот MICE Tourism. Но што всушност тој значи и дали како хотелиери знаеме на правилен начин да ја привлечеме таа специфична група на гости? Истовремено, дали сме спремни како индивидуалци, но и како дестинација во целост да ја искористиме популарноста на овој сегмент од туристичката индустрија?!

Терминот “MICE”,  во контекст на туризмот, е акроним за:

Meetings – Состаноци
Incentives – Мотивациски патувања
Conferences – Конференции
Exhibitions – Саеми

Поимот MICE, поради непријатната сличност со англискиот термин за ‘глувци’, полека почнува да губи на популарност и да се заменува со други термини, meetings tourism или events tourism, за кои кај нас секако сеуште нема соодветен превод ниту практична примена, за жал.

Сепак, користењето на зборот MICE е практично, бидејќи ги опфаќа сите сегменти од овој туристички сегмент. Без разлика дали сакате да организирате групна забава за вработените во некоја компанија (тоа е мотивациско патување или т.н. Тим Билдинг) или сакате да организирате голема манифестација фокусирана на најновите иновации во одредена област (тоа би било некоја конференција), треба да знаете кој тип на настан во која од четирите категории спаѓа.

MICE пазарот се однесува на конкретен сегмент од групниот туризам и се занимава со планирање, организција и одржување на конференции, семинари и други групни настани. Овој сегмент е сериозен економски двигател на туристичката индустрија во последните години во многу земји.

Компоненти

MICE туризмот вклучува голем број компоненти, а хотелиерите кои сакаат да работат со MICE тури мора да бидат подготвени да обезбедат целосен опсег на соодветни услуги, како за големи така и за мали групи и настани со пократко и подолго времетраење.

Чинителите вклучени во работата со MICE турите вклучуваат голема група на фирми и индивидуалци: организатори на настани, хотели со сали за состаноци, конференциски центри, кетеринг компании, фирми за деловна логистика, приватни тур-оператори, авто-превозници, стопански комори, туристички здруженија, туристички агенции и сл.

Различни видови

Кога станува збор за тоа каков на вид MICE тури сакате да привлечете, потребно е најпрво да ги разберете различните термини содржани во самиот акроним. Иако поимот состанок и конференција може да звучат слично, малите разлики меѓу нив ќе станат многу важни кога ќе треба да ги исполните очекувањата на различните групи.

[M]eetings – Состаноци

Постои општо-прифатена дефиниција која вели дека состанок е секој број на луѓе што се собираат на едно место за одредена активност, што може да биде еднократен настан или редовно да се повторува. Едноставно кажано, патувањето со состаноци се однесува на организирање на кој било број на луѓе за некаков состанок, што значи дека може да претпоставува дури и спортско дружење на вработените од некоја компанијата.

[I]ncentives – Мотивациски патувања

Познатите “Тим Билдинг” активности организирани на друга дестинација се наједноставен пример за т.н. мотивациско патување. Ова е можеби една од потешките компоненти на MICE туризмот бидејќи не мора да се занимава исклучиво со групни тури. Наместо тоа, овој тип па патување обично им се дава на вработените како еден вид награда. Мотивациските патувања обично немаат деловна компонента, туку наместо тоа повеќе е не-формален одмор со цел континуирана мотивација и поврзување на вработените.

[C]onferences – конференции

Конференцијата е слична на состанокот по тоа што станува збор за собир на луѓе на едно место, но конференциите обично имаат специфични цели и претпоставуваат размена на конкретни искуства и информации. Затоа, овој тип на тури вклучува организирање маршрути, состаноци и настани за луѓе од иста професија или област.

[E]xhibitions – саеми

На самските манифестации се прикажани производи или услуги кои се главниот фокус на настанот, што значи дека организатор на овие тури се најчесто организаторите на самите саемски манифестации. На овие настани компаниите се претставуваат на своите потенцијални клиенти со своите најнови програми на производи и услуги што значи дека саемите честопати одат во пакет и со други конференции и состаноци, па така често има преклопување помеѓу активностите за време на овие тури.

Поради големата логистичка активност околу планирањето на турите, многу често во организацијата ја спроведуваат компании специјализирани за овој вид туризам. Дестинациите, од друга страна, се рекламираат на светскиот пазар како дестинации погодни за MICE туризам, со сите компоненти и услуги кои можат да ги понудат. Често нудат и бенефиции и субвенции за привлекување големи настани кои ќе им донесат голем приход на сите локални чинители инволвирани во настаните.

MICE туризмот како гранка има огромно економско влијание врз самата дестинација-домаќин и затоа е потребен стратешки пристап од страна на државните институции во развојот на овој тип на туризам.

Прирачник за хотели во пресрет на најавеното олеснување на мерките против Коронавирусот

Во соработка со Regent Hospitality Consulting
Информирајте се како правилно да го припремите вашиот објект за ефикасно справување со COVID-19
ПРЕЗЕМИ ГО ПРИРАЧНИКОТ
* Според препораките на Светската Здравствена Организација
close-link